Свет
18. February 2016 - 12:27

„Лекари без граници“: Во Сирија лани убиени седум илјади лица, а 155 илјади се ранети

Во болниците и здравствените установи во Сирија, кои се поддржани од „Лекари без граници“  лани биле регистрирани седум илјади убиени лица и 155 илјади ранети, се наведува во денеска објавениот извештај на оваа меѓународна невладина организација.

Во документот се посочува дека оваа бројка е мошне вознемирувачка, бидејќи 70-те болници и центри, кои се редовно поддржани од „Лекари без граници“ се еден мал дел од медицинските установи во Сирија.

Меѓу 30 и 40 проценти од жртвите се жени и деца. Во извештајот се посочува дека 94 воздушни напади и ракетни напади се извршени врз 63 медицински структури во Сирија, поддржувани од „Лекари без граници“. Дванаесет од нив биле целосно разурнати, а 81 лице од персоналот се убиени или ранети.