Бизнис
7. December 2019 - 17:12

„Легнаа“ првите пари од повратот на ДДВ - фијаско или успех?

Ден откако државата започна да враќа кај граѓаните дел од платениот ДДВ, власта и опозицијата со различни ставови за успешноста на проектот. Додека од СДСМ се задоволни бидејќи според нив мерката дава резултат во справувањето со сивата економија, според опозицијата проектот доживеал фијаско.

Вчера на сметките кај повеќе од 16.000 граѓани легнаа пари од оваа мерка, останатите 150.000 граѓани кои скенирале фискални сметки, поврат ќе добијат до крајот на идната работна недела. ВМРО-ДПМНЕ ја обвинува власта дека кај граѓаните се враќа незначителен процент на пари, наспроти ветеното.

“Ветениот поврат на ДДВ заврши како фијаско. Наместо ветените 500 евра од поврат на ДДВ, граѓаните добиваат по 1.000 денари и тоа не сите, и тоа ќе го добијат помалку од 10% од потенцијалните корисници на оваа мерка на владата на СДСМ”, пишува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

За премиерот Заев секоја илјадарка е добредојдена.

“Граѓаните не само што станаа даночни инспектори и помагаат во сузбивање на сивата економија, туку гледаат и директен бенефит по нивниот џеб. Парите ќе легнат на личните сметки за прв пат оваа недела, но ќе продолжат во редовни интервали и во следната година. Ова е уште еден од начините како државата преку оваа Влада враќа парите назад кај граѓаните!”, напиша премиерот на својот официјален Фејсбук профил.

Од 15 декември ќе почне и наградната игра “Мој ДДВ-моја награда”, во која право на учество ќе имаат само полнолетни лица.

“Наградната игра е надоградување на проект кој што е веќе успешен. Зошто? Затоа што главната цел на проектот беше борба со сивата економија, да се ставаат граѓаните и во улога на контролори, да бараат фискални сметки и да пријавуваат кога ќе има нерегуларност. Тоа се случува бидејќи има зголемена наплата на ДДВ во првото тримесечје откако е почнат проектот Мој ДДВ”, изјави Нина Ангеловска, министерка за финансии.

Прв пат ваква наградна игра организираше Министерството за финансии кога министер беше Зоран Ставрески. Целта на тогашната “Фискална во рака-награда без мака” беше иста, да се намали сивата економија преку стимулирање на граѓаните секогаш да бараат фискални сметки. Тогаш се делеа станови и автомобили, а СДСМ сметаше дека проектот е лош.