Легендарните Бони Ем гости на „Охридски трубадури“ | Сител Телевизија
Македонија
24. August 2016 - 11:06

Легендарните Бони Ем гости на „Охридски трубадури“

Горан Куќиќ за изведба на мелодијата „Не е доцна“ и Милован Секуловски за „Тажната романса“ се добитници на главната награда на публиката и жирито на фолк вечерта што се одржа синоќа во рамки на 23-тото издание на  интернационалниот музички фестивал „Охрид фест-Охридски трубадури“ на летната сцена на Долни Сарај.

За вечерашната Поп вечер е најавена изведба 18 песни. Како интерпретатори  ќе се појават Ѓоко Таневски, Влатко Илиевски, Џина Папас Џокси, Мартинијан Кириловски, Ѓоко Ѓорчев, Моротов бенд, Александра  Јанева... Најавено е полчасовно шоу на Маја Оџаклиевска на која ќе и биде доделена наградата за животно дело. Таа ќе испее дел од своите хитови како што се „Многу солзи“, „Шила“, „Лиду лидуду“, „Не допирај ме“, „Биди добар како што сум јас“, „Среќо кажи“ и други.

Во Охрид веќе допатуваа членовите на  светската денс  група „Бони ем“,  кои  утре, во рамките на интернационалната вечер  ќе имаат  своја шоу програма  во која  љубителите на музиката ќе ги потсетат на нивните хитови „Деди кул", „Распутин", „Реките на Вавилон" .....Според најавите,  нивниот настап  на сцената во Долни Сарај  ќе го проследат голем број нивни симпатизери кои во Охрид  допатуваа од  Србија, Бугарија и Албанија.

Утревечер, како дел од интернационалната програма, покрај наградените песни од  вечерашната  Поп вечер  ќе настапат и Хелена Благне, Словенија, Срѓан  Марјановиќ, Србија, групата Highway, Црна Гора, Алмедин Варошанин, БиХ, група Пирати-Хрватска, Дриселда Канина, Албанија,  Vessy En, Бугарија, и  Димитрос  Калангис  од Грција.

Интернационалниот музички фестивал „Охрид фест-Охридски трубадури“ е  единствената  музичка манифестација  во Македонија која  ќе ја пренесуваат десетина   балкански телевизии TВ Балканика – Бугарија,ТВ Бел ами – Србија,ТВ Коперникус – Србија, ТВ Свет плус – Србија, ТВ Z1 – Хрватска, ТВ Хајат - Босна и Херцеговина,ТВ Визион плус – Албанија,  ТRT – Турција , ТВ Шансона – Русија  за првпат – ТВ Монако.