Фудбал
27. April 2018 - 11:31

ЛЕ: Значајна предност за Марсеј, без победник во Лондон

Арсенал не успеа да го совлада Атлетико Мадрид, откако шпанскиот клуб издржа со 10 играчи речиси цел натпревар за да има 1:1 по првиот меч. Во второто полуфинале, Марсеј со 2:0 го совлада Салцбург за со оптимизам да патува во Австрија.

Шиме Врсаљко можеше да биде трагичар на мечот, откако за само 10 минути доби два жолти картони и ги остави „јорганџиите“ со играч помалку на теренот на Арсенал. На домаќините им беа потребни повеќе од 50 минути да го „скршат“ отпорот на Атле, откако Александер Лаказет по одличното нафрлање на Вилшир го совлада Облак во 61. минута од мечот.

Но, Антоан Гризман уште еднаш покажа колку вреди за тимот на Диего Симеоне (кому исто така му беше покажан патот кон трибините), откако во 81. минута по една долга топка во половината на Арсенал израмни за ветувачки 1:1 пред реваншот на „Ванда метрополитано“.

Марсеј пак, сакаше да го реши двомечот со изненадувачки цврстите Ред бул Салцбург уште во првиот меч, и тоа делумно им успеа откако со пристојни 2:0 ќе патуваат на реваншот.

Флоријан Тован уште во 15. минута даде гол со глава по додавањето на Паје за водство на Французите, пред Клинтон Н’Џи да го постигне конечниот резултат во 63. минута повторно благодарение на Дмитри Паје.