Македонија
16. December 2018 - 16:58

ЛДП незадоволна од учеството во власта, најавува можен самостоен настап на претседателските избори

Горан Милевски е старо-новиот претседател на ЛДП, откако денеска беше реизбран на оваа функција на седмото изборно Собрание на партијата. Боби Мојсовски е избран за Генерален секретар.

Во пресрет на гласањето, Милевски истакна дека неговата партија со само еден министер без ресор се наоѓа во подредена позиција во Владата. Единствена причина поради која либерал-демократите засега го прифаќаат ова, е нивниот став дека државните интереси се над партиските.

Од ЛДП ја разгледуваат можноста за самостоен настап на престојните претседателски избори, а конечната одлука ќе биде соопштена во февруари.

Во однос на најавениот Закон за амнестија, од ЛДП велат дека е лошо кога извршната власт се меша во судските одлуки.  Сметаат дека судот најпрво треба да донесе пресуди за да се види кој е виновен а кој не, па дури потоа политичарите да одлучат дали некој треба да биде помилуван од Претседателот или амнестиран од Премиерот.