Македонија
17. November 2016 - 14:19

Лажна тревога за труење на час по хемија

Две ученички во втора година во Гимназија – Гостивар, вчера се пожалиле на малаксаност и вртоглавица. Тие рекле дека на часот по хемија почувствувале неподнослив мирис.
 
Професорот по хемија ги однел ученичките во Медицинскиот центар Гостивар, каде што на ученичките им била укажана лекарска помош, а доктор-инфектолог констатирал дека кај нив нема знаци на труење.
 
Полициска екипа од Гостивар излегла на терен, при што не биле пронајдени никакви предмети или траги на опасни материи и не бил почувствуван никаков неподнослив мирис.
 
За настанот бил запознат јавен обвинител и се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.