Свет
7. December 2018 - 11:11

Лавров: Засиленото присуство на НАТО и ЕУ на Балканот ја дестабилизира Европа

Русија е вознемирена поради засилените напори на НАТО и ЕУ за „посвојување“ на балканскиот регион, што води до нови линии на поделба и до дестабилизација на Европа, изјави рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.

– Состојбата на Балканот предизвикува загриженост, истакна Лавров во интервју за грчкиот весник „Ефимерида тон синдактон“, дадено во пресрет на денешната посета на грчкиот премиер Алексис Ципрас на Москва.

Лавров тврди дека НАТО и ЕУ вршат притисок врз земјите од Балканот да направат избор меѓу Москва, од една, и Вашингтон и Брисел, од друга страна, што, според него, е погрешен пристап.

– Таквите постапки водат до идна дестабилизација на безбедносната архитектура во Европа, до зголемување на тензиите и до појава на нови линии на поделба, заклучува Лавров.