Свет
29. јуни 2016 - 19:15

Лавров: Русија и Турција најверојатно ќе ја обноват соработката во Сирија

Русија и Турција најверојатно ќе ја обноват соработката за надминување на сириската криза, откако лидерите на двете земји во денешниот телефонски разговор се договорија да ги нормализираат билатералните односи, пренесоа британските медиуми, повикувајќи се на изјава на шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров.

Лавров, кој се наоѓа во посета на Франција, исто така, кажа дека за сириската криза и други прашања ќе разговара со својот турски колега, на нивната средба закажана за 1 јули, во Сочи, на маргините на засеаданието на Советот на министри за надворешни работи на Организацијата за црноморска економска соработка.