Свет
20. January 2017 - 10:18

Лавров: Позитивни сигнали во сирискиот мировен процес

Русија забележа позитивни сигнали во сирискиот мировен процес и на претстојниот состанок во Астана гледа како на важен чекор кон воспоставување рамка за преговорите во Женева, изјави денеска рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.

Москва, од  своја страна, е подготвена да прејде на конструктивен дијалог со САД, порача Лавров, пренесуваат британските медиуми.

Лавров рече дека Москва смета дека разговорите во престолнината на Казахстан, на 23 јануари, се важен чекор кон воспоставување на параметарот за сеопфатно политичко решение во Сирија, што ќе биде продолжен во Женева.

Агенцијата ТАСС напоменува дека разговорите во Женева за Сирија треба да почнат на 8 февруари.

Лавров вчера објави дека САД се повикани на претстојните разговори за сирискиот конфликт во Астана.

Тој неодамна изјави дека е исправно американската страна да се повика на разговорите за Сирија во Астана и дека на тој начин Москва настојува да го консолидира режимот за прекин на огнот и да придонесе кон процесот на политичко решение на конфликтот.