Свет
27. December 2017 - 16:48

Лавров најави руска интервенција против сириската група Џабат ал Нусра

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров најави дека сириската Влада на Башар ал Асад како своја следна цел си поставила уништување на исламистичката група Џабат ал Нусра, која е поврзана со Ал каеда.

Групата е активна во регионот Идлиб во северозападна Сирија, каде војниците на Асад се уште не успеале да ги потиснат бунтовниците. Лавров најави дека руските сили ќе му помогнат на Асад во операциите против Џабат ал Нусра, како што го поддржуваа во борбата против Исламската Држава.

- Сириската војска и нејзините сојузници, со наша помош, ги потиснуваат борците на Џабат ал Нусра, изјави Лавров.

Лавров изјавата ја даде по средбата со сирискиот политичар Ахмед Џарба, кој е претседател на Сириската национална коалиција, водечката умерена опозициска група во земјата, која е една од највлијателните групи во регионот Идлиб. Русија неодамна најави повлекување на своите сили од Сирија, кои таму дејствуваат повеќе од две години и му помогнаа на Асад да ги совлада своите најсилни противници.