Свет
16. August 2017 - 14:16

Лавров: Москва е против економското задушување на Северна Кореја

Официјална Москва не ги поддржува повиците за задушување на севернокорејската економија, изјави денеска рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, додавајќи дека речиси се исцрпени сите опции за вршење економски притисок врз оваа земја.

- Исцрпени се потенцијалните мерки за вршење економски притисок врз Пјонгјанг, а Москва се противи на иницијативата што ја предложија некои партнери за економско задушување на Северна Кореја, изјави Лавров, пренесе руската агенција ТАСС.

Лавров, исто така, се осврна и врз ситуацијата во Венецуела, оценувајќи дека кризата во оваа земја е потребно да се реши по мирен пат и без надворешна интервенција.

Неговите коментари следат откако американскиот претседател Доналд Трамп се закани со можна воена интервенција во оваа јужноамериканска земја, заради што венецуелскиот претседател Николас Мадуро нареди оддржување воени вежби.