Свет
9. March 2017 - 16:34

Лавров и Габриел во Москва разговараа за тензиите во односите, за Сирија, Украина, хакерските напади...

Германскиот министер за надворешни работи Зигмар Габриел денеска од Москва ги повика европските сили да преземат конкретни чекори во разоружувањето, по годините минати во засилени тензии околу украинскиот конфликт, пренесе ДПА.

- Стравуваме дека влегуваме во нов натпревар во вооружувањето, рече Габриел на прес-конференцијата со својот руски колега Сергеј Лавров.

НАТО, во која членува и Германија, неодамна размести 4.000 војници на своето источно крило, во Балтичките земји и Полска, како одговор на тензиите со Русија за Украина, потсетува германската агенција.

Габриел вчера во Полска изјави дека е оправдано тоа што НАТО се вооружува, имајќи го предвид засилувањето на воената моќ на Русија.

- Доколку погледнете на огромното количество оружје, што е против нас, тогаш мислам дека не можеме да тврдиме дека НАТО или Западот го почнал натпреварот во вооружување, рече тој.

На заедничката прес конференција во Москва, Лавров изјави дека обвиненијата против Русија за хакерските напади се неосновани, пренесе ТАСС. Тој потсети дека германските претставници редовно ја обвинуваат Русија за хакерски упади и обиди за влијание врз германските избори.

Лавров дополни дека билатералните односи ќе имаат поголема корст доколку на Русија не и се припишуваат сите проблеми.

Рускиот министер инсистира во случај на сомненија за некакви руски недозволени активности Берлин да претстави конкретни факти, кои потоа Москва ќе биде подготвена да ги разгледа и проучи.

Тој призна дека на важни разговори тој никогаш со себе не носи мобилен телефон, дополни ТАСС.

За најновите документи од Викиликс Габриел изјави дека Германија не располага со информации за хакерски операции на ЦИА на германска територија, но подвлече дека неговата земја е подготвена да ја зачува предизборна кампања од каква и да е надворешна интервенција.

На прес-конференцијата беа зафатени и темите за сириската и украинската криза.

Лавров изрази увереност дека е корисно САД да се вовлечат во реализацијата на договорите од Минск за источна Украина, пренесе ТАСС. И Габриел ги повика САД да го искористат своето влијание за реализацијата на договорите од Минск.

Двајцата беа обединети околу ставот дека е неопходно да се зголемува присуството на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) во регионот на конфликтот во источна Украина, пренесе ДПА.

Лавров и Габриел подвлекоа дека нивните земји се заинтересирани женевскиот процес за Сирија да биде постојан и да има резултат, сооопшти ТАСС.