Свет
4. October 2017 - 10:00

Лавров ги обвини САД дека го загрозуваат животот на руските војници во Сирија

 

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, во интервју за весникот „Аш Шарк ал аусат" ги обвини силите на коалицијата на чело со САД за провокации опасни по живот за руските војници во Сирија.

- Активностите на силите под американско раководство отвораат многу прашања, вели шефот на руската дипломатија.

- Во некои случаи, овие сили индиректно поттикнуваат други терористи да напаѓаат стратешки позиции, каде што е воспоставена законска власт на Дамаск, или свесно се вклучуваат во крвави провокации против нашите сили, вели рускиот министер.

Минатиот месец Русија ги обвини Сириските демократски сили дека се обидуваат да спречат офанзива на сириската армија, поддржана од Москва, против ИД крај градот Дејр аз Зур, каде беше убиен руски генерал во септември.

- Денес сите играчи треба да ги напуштат геополитичките амбиции и да промовираат целосно обновување на стабилноста и безбедноста во Сирија, исто така и во целиот Блиски Исток и Северна Африка, подвлече Лавров во интервјуто.

Тој повика да се тргнат санкциите воведени против претседателот Башар ал- Асад, бидејќи тоа ќе помогне во обновувањето на Сирија.