Македонија
5. September 2020 - 16:45

Лавина реакции по условната казна за сообраќајка со смртни последици

Во шок и неверување, семејството на тетовецот Гоце Димитриевски кој пред две години го загуби животот во тешка сообраќајна несреќа најавуваат дека правдата ќе ја бараат докрај. За нив е неприфатлива вчерашната пресуда на скопскиот кривичен суд со која возачот кој го усмрти нивниот син, но и нероденото внуче доби само условна затворска казна.

Таткото на починатиот Гоце раскажува дека целиот случај бил сомнителен уште од самиот почеток. Цели две години го чекале стартот на судскиот процес кој почна во средата, а заврши вчера, по само едно рочиште на кое обвинетиот ја признал вината.

За скандалозната пресуда став побаравме и од Основниот суд во Скопје. Првиот човек на кривичен најавува целосна проверка на судскиот предмет и причините поради кои е донесена само условна казна. Џолев потенцира дека оваа пресуда се уште не е правосилна.

Во моментов немам повеќе информации за пресудата. Таа беше донесена вчера, јас за неа дознав на крајот од работното време преку медиумите. Ќе се интересирам за случајот, од понеделник ќе добијам повеќе информации од судот, по што ќе можам да дадам коментар и став“,изјави Џолев

Тешката сообраќајна несреќа во која животот го загуби тетовецот Гоце Димитриевски, а неговата бремена сопруга го загуби нероденото бебе и заврши со тешки телесни повреди, се случи пред две години на скопскиот булевар Теодосиј Гологанов, откако во нивниот мотор удри џип кој вртел преку две полни линии. Возачот на џипот вчера доби условна затворска казна бидејќи ја признал вината.