Македонија
7. јуни 2019 - 11:31

Лавицата Акети и ему птици – нови жители на Скопје ЗОО

Лавицата Акети од зоолошката во Берлин е нов жител во скопската ЗОО градина.

Дванаесетгодишната лавица пристигна во Скопје пред шест дена и веќе се прилагодува на животот во Скопје ЗОО. За неколку месеци друштво ќе и прави и лавот кој треба да пристигне од Софија.

-Лавицата ја добивме благодарение на соработката со Европската асоцијација на зоолошки градини (ЕАЗА). Акети одлично се прилагоди на новото живеалиште и на нејзините зоо негуватели, велат од Скопје ЗОО.

Во Скопје пристигнаа и четири ему птици бебиња кои од вработените ги добија имињата Теди, Ким, Бланка и Вили.

-Бебињата се многу љубопитни и весели, па постојано сакаат да си играат со своите зоо негуватели. Ему птицата потекнува од Австралија и е втора птица по големина во светот, веднаш по нојот. Четирите ему ќе живеат во живеалиштето на кенгурите или реон во зоолошката, познат како „Австралија“. Целиот овој простор наскоро ќе биде реновиран и изграден во Аборџински стил со помош на донаторот „Подравка“, информираат од Скопје ЗОО.