Македонија
26. January 2017 - 14:05

Лани во СВР Охрид регистрирани 1.564 кривични дела

Безбедносната состојба во подрачјето што е под ингеренции на Секторот за внатрешни работи од Охрид за изминатата 2016 година е оценета како стабилна и поволна.

Според годишниот извештај од СВР Охрид, минатата година во населените места Охрид, Струга, Кичево и Дебар се регистрирани вкупно 1.564 кривични дела извршени од 902 лица, против кои се поднесени 866 кривични пријави, што споредено со 2015 е намалување за 16 проценти.

Што се однесува на организираните видови криминал и корупција, во текот на 2016 година регистрирани се вкупно 25 кривични дела, за што се поднесени 19 пријави против 15 лица, Статистиката укажува на седумпроцентно намалување во споредба со 2015 година.

Во областа на економскиот криминалитет минатата година поднесени се 80 пријави против 96 лица, 87 кривични пријави против 87 извршители на дело семејно насилство. Значајно е намалување на бројот регистрирани кривични дела во малолетничката деликвенција, дури за 60 проценти повалку споредено со 2015 година.

Петпроцентно зголемување на регистрираните дела има во делот на недозволената трговија со дрога, каде минатата година се поднесени 89 кривични пријави против 99 сторители.

Во патниот сообраќај во текот на 2016 година за регистрирани 4.812 прекршоци, од сообраќај се исклучени 1.690 возила, а времено се одземени 215 возачки дозволи.

Безбедносната состојба во областа на сообраќајот 2016 година ја карактеризира намалување на вкупно случените 751 сообраќајна незгода, во кои загинале 24 лица, 83 лица се потешко, а 452 лица полесно повредени.

Статистиката укажува дека највисок удел во случувањето на сообраќајните незгоди има факторот – човек преку неодговорно и недисциплинирано однесување, најчесто управување на возило под дејство на алкохол или без возачка дозвола.