Балкан
6. October 2021 - 10:31

Лајен: Западен Балкан припаѓа на ЕУ

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во пресрет на Самитот ЕУ-Западен Балкан на Брдо кај Крањ, истакна дека со овој собир Унијата испраќа многу важна порака до регионот, а тоа е дека Западен Балкан припаѓа на ЕУ.

– Сакаме да испратиме многу јасна порака, а тоа е дека Западен Балкан припаѓа на ЕУ. Ги сакаме во ЕУ. Ние сме едно европско семејство. Ја делиме истата историја, вредности и убедена сум и иста судбина, рече таа.

Фон дер Лајен нагласи дека членките на ЕУ сакаат интеграција на Западен Балкан бидејќи знаат дека тоа е добро и за Западен Балкан и за ЕУ.

– Имаме заеднички интереси и заеднички можеме подобро да се развиваме. Интеграцијата на Западен Балкан во заедничкиот пазар мора да напредува. Мојата порака до Западен Балкан е – ние ве сакаме во ЕУ, продолжете со реформите, целта е пред очи, рече претседателката на Европската комисија.