Свет
24. March 2017 - 15:03

Лајчак: Сакав да го свртам вниманието на ЕУ на одговорноста која ја имаме кон Балканот

Со изјавата дека две држави во Западен Балкан се на работ на распаѓање, а три во длабока политичка криза, сакав да го свртам вниманието на Европската унија на одговорноста која ја имаме кон регионот, изјави министерот за надворешни работи на Словачка, Мирослав Лајчак во интервју за „Дневни Аваз“.

Тој не сакаше да објасни на кои држави конкретно мислел.

- Тоа беше моето предупредување, и кон ЕУ, но и кон регионот. Бидејќи ако две држави се „на работ на распаѓање“, нештата можат да се запрат, процесите да се свртат во спротивна насока и тоа е обврска и одговорност не само на регионот, туку и наша, во Унијата, потенцираше Лајчак.

Некогашниот висок претставник на Меѓународната заедница во БиХ не крие дека не му било драго што неговата изјава, дадена пред состанокот на Советот на ЕУ за надворешни работи на 6 март, наиде на осуди во регионот. Сепак тој истакнува дека неговата изјава не ја дал брзоплето.

- Реков дека ние не го правиме она што го ветивме на Западен Балкан. Дури две години овој регион не беше на дневниот ред на Советот на министри на ЕУ. Истакнав дека ветивме европска перспектива, дека постојано очекуваме од нашите партнери во регионот да ги исполнуваат нашите услови, но дека и тие од нас очекуваат да бидеме лидери. А ние тоа не сме. Факт е дека состојбата на Западен Балкан и во одделни држави е полоша од порано, да речеме од пред пет години. А требаше да биде спротивно, истакна Лајчак. 

- Дискусиите меѓу колегите министри за надворешни работи на земјите членки на ЕУ беа добри и охрабрен сум од она што го слушнав, потенцираше Лајчак за „Дневни Аваз“.