Македонија
19. February 2020 - 18:00

Лаја: Шпанија ќе поддржи отворање на преговорите со ЕУ во март, наскоро ќе го ратификува Протоколот за НАТО

Шпанија ќе поддржи старт на преговорите за членство на Македонија во ЕУ на состанокот на Европскиот совет во март, истакна шефицата на шпанската дипломатија Аранча Гонзалес Лаја на прес-конференцијата во Мадрид со министерот за надворешни работи Никола Димитров.

Лаја нагласи дека Шпанија работи со Франција за обезбедување консензус за ова прашање, додавајќи оти за тоа станало збор и на вчерашната средба на шпанскиот државен секретар за ЕУ, Хуан Гонзалес Барба со неговата француска колешка Амели де Моншалан.

Димитров изјави дека со новата методологија предложена од Европската комисија, која предвидува награда за оние што си ја завршиле домашната задача и казна за оние кои назадувале, ќе биде многу тешко, па дури и засрамувачки, да и се каже повторно не на Македонија.

Тој потсети дека земјава направи значителен напредок, го реши долгогодишниот спор со Грција за името, ги спроведе задачите што и беа поставени и е целосно подготвена за старт на преговарачкиот процес со ЕУ.

Во врска со ратификацијата на Протоколот за НАТО во шпанскиот Парламент, Лаја рече дека очекува тоа да се случи многу брзо и Македонија да стане 30-та полноправна членка на Алијансата.

Шпанија е последна земја членка на НАТО која се уште не го ратификувала Протоколот за прием на Македонија во Алијансата.