Македонија
21. November 2018 - 16:19

Квотите во аптеките ги оставија пациентите без лекови на рецепт - од ветеното решение се уште нема ништо

Речиси цела година граѓаните мака мачат како да стигнат до неопходните лекови на рецепт после 15-ти во месецот.

Промена на квотите и нов начин на исплата за аптеките беше решението што го најавуваа здравствените власти за решавање на овој горлив проблем.

Освен пациентите револтирани се и фармацевтите кои брзо ги трошат парите што ги добиваат од фондовската каса. Од Фондот молчат и не кажуваат дали се вистинити информациите дека ќе кратат од поголемите аптеки за да ги зголемат финансиите за помалите.

-Изминатите месеци неколкупати побаравме став од менаџерите на Фондот за здравствено осигурување дали и каква формула спремаат за граѓаните во текот на целиот месец да земаат лекови на рецепт. Но и денеска како и на прашањата од октомври и септември, не добивме одговор.

И додека надлежните не реагираат, граѓаните и на 21 ноември не можат да ги најдат пропишаните лекови на рецепт, а до крајот на месецот има уште 10 дена. Можат да ги купат, но од свој џеб.

-Лекови на рецепт..нема ништо, нема.

Барав антибиотик вчера, но немаше не можев да најдат. Сега ќе барам и по аптеките во Центар. Па ние сме пензионери, зшто цел живот сум плаќала здравствено, за сега да морам со пари да ги купувам, реагираат граѓани.

Агонијата на граѓаните оди дотаму што и на социјалните мрежи бараат спас како да ги најдат лековите на рецепт. Најзагрозени се астматичарите чии спрејови кои им се неопходни, се многу скапи за да ги купат приватно.

-Еден пациент кој има потреба од лекот кој приватно чини 3000 денари не може да го најде. Во аптеките проверува секој ден и добива одговор - "уште не го добивме за овој месец" Зарем месецот треба да заврши? А што правиме со терапијата што мора да ја прими?

Од Фармацевтската Комора уште летото побараа лековите поскапи од 2000 денари да бидат изземени од квотите, но и тие чекаат одговори од надлежните институции.