Бизнис
22. July 2018 - 16:13

Кванташките пазари полни со производи, земјоделците чекаат решение на проблемот со Косово

Голема количина од македонските земјоделски производи скапува по магацините и пазарите. Земјоделците веќе петти ден немаат каде да ги пласираат овошјето и зеленчукот што до сега ги продаваа на косовските трговци.

На најголемиот скопски кванташки пазар земјоделците не сакаа да говорат пред камера. Но, ни кажаа дека косовските трговци се нивните најголеми откупувачи. Само од овој пазар дневно најмалку стотина тони овошје и зеленчук се товарале и испраќале за Косово. Сега, велат, веќе неколку дена не е дојден ниту еден камион.

Времената мерка на Приштина за 30% поголема царина на увезените земјоделски производи предизвика хаос во целиот регион, а речиси целосно го запре извозот за Косово од земјава.

Косово ја воведе оваа мерка ненајавено, без претходно да прати известување, како што налагаат меѓународните договори за слободна трговска размена. Во текот на следниве денови најавена е средба на ресорните министри од Македонија и Косово со цел изнаоѓање решение.