Македонија
20. јуни 2017 - 16:11

Кузмановска: Тевдовски ја задолжи државата за 13,7 милиони евра

Пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ Лилјана Кузмановска деенска обвини дека за две недели откако е избран за министер за финансии, Драган Тевдовски издал државни хартии од вредност и ја задолжил државата од 13,7 милиони евра.

- Ако до пред две недели издавањето на државни хартии од вредност беше прикажувано како најголемо зло за државата и за македонскиот народ, денес тоа за СДС и нивните медиуми е најнормална активност. Ако порано медиумите, кои беа најголеми критичари на аукциите, вадеа ударни наслови државата дека се задолжила за толку и толку, денес истите ревносно истакнуваат дека со средствата ќе се исплатат аукции кои доспеваат следниот ден – факт кој редовно беше занемаруван и прескокнуван во време кога министер за финансии беше од ВМРО-ДПМНЕ, речр Кузмановска.

Според неа, СДСМ промовира едни политики кога е во опозиција, а сосем поинакви кога е на власт.

- СДС во опозиција им се закануваше на инвеститорите, на банките, дека ако купат државни хартии нема да им ги признаат кога ќе дојдат на власт. Сега на истите тие банки, нивниот министер за финансии, односно од СДС, им нуди државни хартии од вредност. Ја советуваше Владата на ВМРО-ДПМНЕ, да ги укине аукциите на државни хартии од вредност и да престане да ги употребува како инструмент за финансирање на буџетот. СДС од позиција на власт се однесува сосема поинаку од тоа што го ветуваше пред изборите, изјави Кузмановска.

Граѓаните од новата Влада и од новиот министер, како шро наведе, „очекуваат остварување на ветеното, а не шарени лаги и манипулации“. - Граѓаните очекуваат Тевдовски да ги покачи пензиите, да ја покачи просечната плата на 30.000 денари, а веднаш да обезбеди и средства за реализирање на ветената минимална плата од 16.000 денари. Докторите очекуваат плата од 100.000 денари, а СДС не смее да избега ниту од ветувањето за нови 500 километри автопат, рече Кузмановска.