Македонија
3. April 2020 - 13:46

Кузеска: Никој не е изоставен со пакетот економски мерки за справување со кризата со коронавирусот

Во ова тешко време кога сите се соочуваме со последиците од коронавирусот, државата прави се да се спаси секое едно работно место, секоја компанија и да обезбеди приход за секој граѓанин.

Вториот голем економски пакет на Владата од 200 милиони евра овозможува директна помош за сите граѓани, за работниците, за стопанството, малите и средни претпријатија, дуќаните, занаетчиите и сите оние кои се дел од неформалната економија, спортистите, уметниците…

Мерките овозможуваат директна помош од 14.500 денари за секој вработен за месеците април и мај во сите фирми кои се погодени од здравствено-економската криза.

Дури 87 отсто од компаниите можат да аплицираат за овие мерки, а ќе бидат опфатени околу 250.000 работни места и околу 35.000 компании. Сумата што ќе ја добие секој работник, за двата месеци, изнесува 29.000 денари, односно по 14.500 денари месечно.

Износот на финансиска поддршка согласно оваа Уредба, ќе се исплатува до 13-ти во месецот, за претходниот месец.

За времетраење на финансиската поддршка, четири месеци после нејзиното престанување, работодавачот има обврска да го задржи истиот број на вработени што го имал во месецот кога побарал финансиска поддршка.

Како алтернатива на оваа мерка, компаниите можат за изберат да ја користат и мерката за покривање на 50 отсто од придонесите на платите на своите вработени.

Никој не е изоставен во пакетот економски мерки.  За нас, секој граѓанин, секој работник, секое работно место и секоја фирма и компанија се важни.

На граѓаните кои останале без работа поради кризата, државата ќе им исплаќа месечна плата во висина од 50 проценти од просечната плата на работникот во последните 24 месеци.

Мерките ќе им го ублажат економскиот удар и ќе обезбедат поддршка и на граѓаните кои вршат самостојна дејност и ги чувствуваат последиците од оваа здравствено-економската криза.

За нив е предвидена финансиска поддршка за  април и мај 2020 година во износ најмногу до 14.500 денари месечно.

Мерките водат грижа и за граѓаните кои се во неформалната економија. За нив ќе биде обезбеден надомест од 7.000 денари по домаќинство. Со оваа мерка ќе бидат опфатени 20.000 нови домаќинства, кои веднаш ќе влезат во системот на социјална заштита, како и 30.000 веќе постоечки корисници.

Соочени сме со сериозна криза која од нас бара солидарност и заедништво во борбата против коронавирусот и во справувањето со економските последици.

Во изминатите две и пол години покажавме дека знаеме и можеме преку конкретни политики да се справиме со сериозни предизвици, да носиме храбри одлуки за подобра иднина на граѓаните, на државата.

И овој пат заедно со Вас ќе се справиме и со оваа тешка здравствена и економска криза.