Македонија
5. July 2016 - 16:27

Куриозитет: Македонската дијаспора бара лекарски совети на „Ало докторе“

Ало докторе популарно и надвор од границите на Македонија.  Лекарски совет од дежурните специјалисти бараат и наши иселеници кои живеат во странство.

Најчесто се јавувале за  проблеми со респираторни заболувања, ревматски болки и намалување на температура. Сакале да добијат одговор од македонски доктори иако живеат во развиени земји со напредни здравствени системи.

-Линијата Ало докторе е достапна на сите граѓани во земјата 24 часа во денот. Но не само кај нас, според извештаите што ги имаме се јавувале и македонци кои живеат во германија и шведска, што значи максимално е искористена линијата и сите можат да добијат медицински совет и симптоматска терапија, вели Татјана Баевска Вучковиќ, директор на Здравствен дом Скопје.

Кај нас, пак, линијата  Ало докторе вообичаено е вжештена во  ноќните и утринските часови кога испаничени родители бараат спас за високата температура кај децата. Во овој период од денот, според податоците со кои располагаат во Здравствен Дом Скопје, има јавувања и на осамени лица кои само сакале со некого да разговараат како и млади поради проблем со алкохол.  

-Знаат во вечерните часови да имаме повици од млади кои претерале со алкохол и од Ало докторе бараат помош како да се справат со тоа, знаете поради страв од родителите да не ги видат во таква состојба, вели Баевска.

Од семптевмри 2014 кога беше отворена линијата досега има над 100 000 јавувања. 25 лекари 24 часа во денот се достапни за медицински совети.  Линијата е најфрекфентна во зимскиот и летниот период, кога граѓаните бараат помош поради тегобите кои ги имаат со промената на временските услови како и алергиските реакции.

Функционирањето на Ало докторе  според надлежните максимално е искористена а со тоа и значително е растеретена Брза Помош чија примарна цел е интервенции кај итни случаи.