Свет
14. July 2016 - 15:28

Курц: Борбата против радикализацијата е приоритет при претседавањето со ОБСЕ

Министерот за надворешни работи на Австрија, Себастијан Курц, денеска најави дека во текот на австриското претседавање со  ОБСЕ, во текот на следната година, приоритет ќе биде борбата против радикализацијата, јави Танјуг.

-Припаѓам на генерацијата која не ја доживеа Студената војна и стабилноста за мене и мојата генерација е нешто што се подразбира, благодарение и на ОБСЕ. Блоковското размислување секогаш одново се појавува, а ние младите тогаш слушаме некои зборови и тонови кои ги познаваме само од книгите по историја, укажа тој во обраќањето пред Постојаниот совет на ОБСЕ.

Претставувајќи ги австриските приорити за време на претседавањето со ОБСЕ во текот на 2017 година, Курц кажа дека официјална Виена сака преку оваа организација да даде придонес кон поголемата безбедност.

- Во моментов сме соочени со три централни закани кои безбедноста и стабилноста, но и нашите заеднички вредности на просторот на ОБСЕ ги загрозуваат, подвлече тој.

Курц кажа дека една од заканите е и натамошното заострување на воените судири, кои веќе предизвикаа илјадници жртви, протерувања и разурнувања, а Австрија има намера да даде свој придонес во намалувањето на напнатоста во постојните конфликти.

Понатаму тој кажа дека сите ние сме соочени со растечката закана за внатрешната безбедност преку посилната радикализација пред се кај младите и тероризмот, додавајќи дека е неопходно заеднички да се бориме против радикализацијата и екстремизмот.

Исто така, тој укажа и на растечката загуба на довербата меѓу државите, но и меѓу граѓаните кон државните институции и организации, кои треба да ги обезбедат мирот и вредностите.

-Заради тоа повторно мораме заедно да ја создаме довербата, порача Курц.