Фудбал
16. November 2017 - 11:02

Купувајте карти за Мундијалот во Русија

Денеска почнува втората фаза на продажба на билети за светското првенство во фудбал кое на 14 јуни 2018 година ќе почне во Русија.

ФИФА продажбата на билети ќе ја почне во 10 часот по македонско време, а билетите ќе се продаваат по принципот „кој прв се пријави добива билет“. Оваа фаза ќе се одвива во реално време, односно оној кој ќе аплицира веднаш ќе добие потврда дека го купил билетот.

Втората фаза на продажба на билети ќе трае до 28 ноември.

ФИФА соопшти дека билетите можат да се купат на три начини: за одреден натпревар во групите, иако групите сè уште не се извлечени, за одреден стадион, односно за одредена репрезентација.

Едно лице ќе може да аплицира за најмногу четири билети, а тие ќе се продаваат страницата www.fifa.com/tickets.

Инаку, во првата фаза ФИФА продаде 622.117 билети, при што 57 отсто од билетите завршиле кај руските навивачи. Во првата рунда, во која билетите се делеа на лотарија, ФИФА добила 3,49 милиони пријави.

До почетокот на Мундијалот ќе биде одржана уште една фаза на продажба на билети која ќе биде поделена во два дела – првиот ќе трае од 5 декември до 31 јануари наредната година, а вториот од 13 март до 3 април 2018 година.

ФИФА обезбеди и продажба на билети во „последна минута“, а тоа ќе се случува од 15 април до 18 мај 2018 година.

Цените на билетите се движат од 87,5 до 917 евра, додека билетите од посебната четврта категорија се само за руските државјани и нивната цена се движи 18 до 102 евра.

Сите навивачи кои ќе патуваат за Русија ќе мора да поднесат барање за „ФАН ИД“, бесплатен документ за идентификација, кои го бараат руските власти. „ФАН ИД“ овозможува безвизен влез во Руската Федерација и бесплатна употреба на јавниот превоз на денот на натпреварот.