Македонија
17. October 2017 - 13:11

Кумуцакос: По локалните избори попродуктивни разговори за името

Пратеникот на грчката опозициска партија Нова демократија, задолжен за надворешна политика, Јоргос Кумуцакос изјави денеска дека победата на СДСМ во првиот круг од локалните избори во Македонија претставува позитивен тек на настаните и можност за натамошно подобрување на односите меѓу двете земји.  

- Самиот факт што националистот Никола Груевски загуби на локалните избори е позитивен тек на развојот на настаните. Сега во Скопје имаме многу посигурни и попродуктивни соговорници во однос на прашањето за името, истакна Кумуцакос, коментирајќи ги резултатите од првиот круг од локалните избори во Македонија.

Тој во интервју за АНА-МПА, посветено на посетата на грчкиот премиер Алексис Ципрас на Вашингтон, изрази задоволство од подобрување на атмосферата со Македонија за решавање на спорот со името. 

- Грција ќе стори се што е потребно за да се реши спорот, со кој ќе се отвори евроатлантската перспектива за Скопје, додаде Кумуцакос.

Тој очекува контактите на Ципрас во САД да придонесат со конкретни резултати за одредени прашања важни за Грција.

- Ова е златна шанса за Грција, која како членка на НАТО и ЕУ, но и како демократска земја е извор на стабилност и покрај големите внатрешни проблеми, изјави тој.

Кумуцакос додаде дека експертите на Нова демократија очекуваат премиерот да обезбеди позитивна позиција од САД, не само за спорот со Македонија, туку и за односите со Турција, кипарското прашање и други прашања од национален интерес на земјата.

Ципрас денеска ќе се сретне со американскиот претседател Доналд Трамп.