Балкан
5. April 2018 - 13:49

Кумуцакос: По брифингот со Коѕијас за името, ни се зголеми загриженоста

По брифингот со Коѕијас интензивирана е нашата загриженост, вели одговорниот за надворешна политика во опозициската Нова демократија, Јоргос Кумуцакос, по вчерашната средба со шефот на грчката дипломатија.

- По брифингот на господинот Коѕијас со опозицијата за скопското прашање, нашите грижи се интензивираа. Нова демократија останува цврсто на потребата за едно комплетно, сеопфатно и конечно решение, кое целосно ќе одговара и на конкретните предуслови што од почеток ги поставивме и на оправданата чувствителност на Грците. Без такво решение, нема да ѝ се даде на ПЈРМ можност за било каков нејзин натамошен пристап во НАТО и ЕУ, вели надлежниот за надворешна политика во Нова демократија.

Како што утрово јави дописничката на МИА од Атина, Кумуцакос и Коѕијас во грчкото МНР разговараа нешто помалку од 2,5 часа, на средбата што е во рамки на активностите на Никос Коѕијас за информирање на партиите за преговорите за името.

Надлежниот за надворешна политика во најголемата грчка опозициска партија, на заминување од министерството, само кусо коментираше дека имале опширен разговор.