Македонија
18. March 2020 - 13:48

Кумановската полиција не нашла дома две лица кои требало да бидат во домашна изолација

Кумановската полицијата ќе поднесе соодветен поднесок против две лица кои вчера не биле дома, иако им била изречена мерка медицински надзор и домашна изолација, информираа денеска од СВР Куманово.

-Во текот на 17.03.2020 година, при вршење на контролите две лица на кои им е изречена мерка медицински надзор и домашна изолација од ДСЗИ првично не биле пронајдени дома и против нив ќе биде изготвен соодветен поднесок, информираа од полицијата.

СВР Куманово презема мерки и активности согласно владината одлука и мерките и препораките за превенција, контрола и заштита од Ковид-19. Притоа, на територијата која ја покрива СВР Куманово (Општина Куманово, Старо Нагоричане, Липково, Крива Паланка, Ранковце и Кратово) од страна на УПС при СВР Куманово редовно се вршат контроли на лица на кои им е изречена мерка медицински надзор и домашна изолација од ДСЗИ, како и на лица со наредба за изолација од Министерство за здравство.

Исто така, се вели во соопштенито, СВР Куманово секојдневно врши и контроли на странски патнички моторни возила, како и контроли во поглед на тоа дали од страна на угостителските објекти се почитуваат насоките дадени од Владата.