Македонија
12. July 2019 - 11:47

Кумановската болница набави нови апарати со сопствени средства

Општата болница во Куманово во последните шест месеци набави повеќе апарати со сопствени средства во вредност од над 100.000 евра, информираше денеска директорката на таа јавна здравствена установа, Снежана Захариева.

Меѓу набавените апарати се спирометар за пумлологија во вредност од 1.200 евра, нов холтер апарат за дијагностика за пореметувања на срцев ритам во вредност од 1.500 евра, ново ЕКГ за интерно одделение во вредност од 2.300 евра, стробоскоп за дијагностика за одделението за уво, грло и нос во вредност од 1.400 евра…

Захариева рече дека болницата набавила и гастроскоп во вредност од 16.000 евра, а обучена е лекарка интернист, така што кумановци веќе можат да се прегледуваат во установата.

Со набавката на апаратите, посочуваат од болницата, ќе се подобри квалитетот на здравствените услуги кои ги нуди јавната здравствена установа за пациентите од Куманово и општините од североисточниот регион. Набавен е нов стерилизатор во вредност од 80.000 евра.

– Ова е прва набавка на стерилизатор, стариот веќе е амортизиран. Ќе биде сместен во постоечкиот Ургентен центар и ќе го користат одделите од хируршките гранки. Во болницата има 79 специјалисти, но за  оптимално да се покрие бројот на пациенти кои доаѓаат во болницата потребни се уште специјалисти, и тоа за одделението за физикална терапија каде има еден специјалист, како и за инфективното одделение, анестезија, психијатрија…изјави Захариева.

Додаде дека од Министерството за здравство стигнал допис дека се одобрени по двајца специјалисти за сите овие гранки и по еден за одделението за физикална терапија и за психијатрија. Болницата ќе добие еден субспецијалист за кардиологија и еден за неонатологија.