Македонија
7. February 2016 - 14:39

Куманово одбележува 72 години од загинувањето на народниот херој Христијан Тодоровски Карпош

По повод 72 години од загинувањето на народниот херој Христијан Тодоровски Карпош, денеска пред неговата биста во Спомен куќата во Куманово цвеќе положија бројни делегации предводени од Здружението на борците од НОБ, општина Куманово, Советот на општината, од АРМ, кумановскиот музеј, Здружението на армиски и полициски ветерани и граѓански здруженија.
 
Присутните со едноминутно молчење му одадоа почит на херојот, но и на сите загинати во различните периоди од македонската историја. Во обраќањето пред присутните, секретарот на локалната организација на борците, Благе Јакимовски рече дека Куманово се гордее што токму овде е роден народниот херој. Зора Ивановска, член на претседателството на Здружението на борците зборуваше за учеството на Карпош во НОБ.
 
- Од ова место упатуваме јасна порака до идните генерации, до младата популација да се почитуваат, негуваат и традиционално одбележуваат светлите датуми на македонската историја. Тоа е долг и обврска на сите нас, за оние кои не ги жалеа своите животи за слободата, порача Ивановска.
 
Историчарот во кумановскиот музеј Марија Живачки, рече дека Христијан Тодоровски Карпош е еден од осумте народни херои од кумановско кои ги дадоа своите животи во текот на Народноослободителната војна.
 
- Тој бил член на карадачкиот партизански одред и на 12. октомври го означува почетокот на востанието. Карпош бил и командант на „Јордан Николов-Орце“ во 1943 година, рече Живачка.
 
Спомен куќата на народниот херој наскоро комплетно ќе се реконструира со поддршка на Владата и на Министерството за култура. Проектот за реконструкција и целосна обнова на поставката на Христијан Тодоровски Карпош е влезена во програмата за 2016-та година.
 
Христијан Тодоровски Карпош е роден 1921 година во Куманово, а убиен бил на денешен ден, 1944 година од страна бугарскиот окупатор за време на нападот на бугарското воено и полициско упориште кај селото Билјача, Прешевско.