Македонија
27. December 2019 - 9:02

Куманово ќе добие времено монтажно лизгалиште

Почна поставувањето на опремата за лизгалиште во Куманово, во близина на комплексот на градски базени, непосредно до останатите спортски игралишта и до паркот. Опремата е доставена од Агенцијата за млади и спор и откако ќе биде монтирана со лизгалиштето ќе стопанисува јавното претпријатие „Чистота и Зеленило“, најави кумановскиот градоначалник, Максим Димитриевски.

– Ќе се плаќа симболичен износ за користење за подмирување на сметките за електрична енергија, за ангажирање на вработени. Ќе биде убава содржина до спортскиот комплекс, отворен за граѓаните, изјави Димитриевски.

Според најавите се очекува лизгалиштето да почне со работа на почетокот на идната година .

Кон крајот на летово, Секторот за комунални дејности од Општина Куманово достави предлог локација до Агенцијата за млади и спорт  за поставување монтажно лизгалиште во Куманово. Претходно, Владата на седница ја задолжи Агенцијата за млади и спорт да обезбеди 14 милиони денари за изнајмување на седум монтажни спортски игралишта во општините Куманово, Струмица, Охрид, Битола, Центар, Гостивар и Тетово.

Претходно, Куманово во 2011 и 2012 година изнајмуваше урбана опрема за лизгалиште од  приватна компанија од Белград, Србија која беше сместена на градскиот кеј.