Живот
16. December 2015 - 9:30

Куфер на Маргарет Тачер продаден за 242.500 фунти

Црвен кожен куфер сопственост на поранешната британска премиерка Маргарет Тачер, што содржи доверливи документи, синоќа е продаден на аукција на „Кристи“ во Лондон за сума од 242.500 фунти (334.000 евра).

Пред почетокот на наддавањето, цена на куферот беше проценета на меѓу 3.000 и 5.000 фунти, но во текот на аукцијата таа сума беше неколкукратно зголемена.   

Куферот беше еден од околу 200-те лични предмети на леди Тачер, кои беа понудени на продажба на серија аукции што започнаа на 3 декември, а ќе завршат денеска. 

Како што објавија лондонските медиуми, на аукциите на предметите на досега единствената жена премиер на Велика Британија, покрај Британци, како купувачи се јавиле и државјани на Австрија, Австралија, Јужна Кореја и САД.