Македонија
7. March 2018 - 12:48

Куцубас: Сложено име ерга омнес и промена на Уставот

Промена на Уставот сега, а не во далечна иднина, отстранување на иредентизмот и сложено име со географска одредница, ерга омнес се позициите на Комунистичката партија на Грција (ККЕ), во прашањето за името.

Генералниот секретар на ККЕ Димитрис Куцубас, од митинг во Солун, рече дека партијата уште од 1992 има јасна позиција, јави дописникот на МИА од Атина.

- Ако во името на соседната земја е вклучен терминот Македонија или некој изведен збор, ќе треба да има строго географска одредница за да не даде можност за нови барања. Од оваа перспектива, инсистираме на тоа дека вистинското решение значи гаранции за отстранување на иредентизмот и национализмот, обезбедувајќи ја неповредливоста на границите. Ова, значи сега да се смени Уставот на ПЈРМ, а не во далечна иднина, порача генералниот секретар на Комунистичката партија.

Куцубас на митингот во Солун, рече дека „Македонија е широк географски простор од кој по завршувањето на Втората балканска војна и потпишувањето на Букурешкиот договор во 1913, Грција доби 51,57 отсто, Србија 38,32 отсто и Бугарија, 10,11 отсто“ и потенцираше дека не може да се зборува ниту за македонски јазик, ниту за македонска нација, бидејќи „доминантната нација во ПЈРМ се формираше по Втората светска војна“.

- Во овој поширок географски регион на Македонија се говореше грчки, албански, словенски дијалект, еврејски, ерменски, турски и други јазици и ниеден елемент не може да докаже дека во овој мозаик постоеше или постои посебен, оформен македонски јазик, а истото важи и за позицијата околу македонска нација. Оваа позиција не е во рамките на реалноста, рече Куцубас во говорот.

Во однос на евентуален договор меѓу двете земји, ККЕ, во грчкиот парламент нема да даде зелено светло.

- Комунистичката партија на Грција, нема шанси во парламентот да гласа за никаков договор со Скопје, меѓу Ципрас и Заев, бидејќи овој договор ќе биде за поранешната југословенска Република Македонија во јули да се интегрира во НАТО, бидејќи овој договор ќе го има печатот на НАТО и на Европската унија. Затоа што овој договор нема да стави крај на иредентистичката пропаганда, на заемното признавање за неповредливоста на границите, на територијалниот интегритет и суверенитет на двете земји, на неопходните промени во Уставот на соседната земја, порача генералниот секретар на ККЕ.