Македонија
14. December 2015 - 16:07

Кубанските вакцини за рак на белите дробови пристигнуваат во Македонија

Македонски пациенти ќе се лекуваат со познатата кубанска вакцина против рак на белите. Сител дознава дека вакцината треба да биде донесена во земјава до крајот на годината. Од Агенцијата за лекови ја потврдуваат информацијата, но не прецизираат кога ќе почне да им се дава на болните од овој вид карцином. Од таму велат дека  извесен период  преговараат со фирмата производител да се обезбеди донација за неколку пациенти и во Македонија, по примерот на Србија каде минатата недела почна да се применува оваа тераписка вакцина. Снежана Гојиќ е првата српска пациентка која го доби лекот.

Вакцината е подготвувана 20 години и е наменета  само за болни од рак на белите дробови во трети  и четврти стадиум за кои не постои друга терапија за лекување. Докторот од Куба кој ја создал вакцината тврди дека го забавува ширењето на малигните клетки и го продолжува животот на болните и до  5 години.

-Кај пациентите кои ја поминаа првата фаза на имунизација белеста премина во хронична состојба како што е грипот. Ефектите се видливи кај пациентите кои примиле најмалку 4 вакцини. После најмалку година дена следење на тие пациенти се гледа напредок, изјавува Педро Камило Родригес, создавач на кубанската вакцина.

Иако вакцината дава резултати,  сеуште траат клиничките испитувања и поради тоа не е регистрирана никаде во Европа.

Во сите европски земји и САД каде е увезена кубанската вакцина лекувањето со истата е доброволно. Пациентите пред да ја добијат треба да потпишат писмена изјава. Наменета е само за болни од рак на белите дробови во потешка фаза од болеста. Останува да видиме колку македонски пациенти ќе добијат шанса за подолг живот.