Свет
16. December 2016 - 13:14

Куба понуди долгот кон Чешка да го плати со рум

Владата на Куба и понудила на Чешка долгот што карипскиот остров го има кон оваа земја, да го плати во натура - со кубански рум, откриваат американските медиуми.

Станува збор за долг кој сега изнесува 276 милиони долари и потекнува од времето на Судената војна, кога тогашна Чехословачка беше дел од комунистичкиот блок во Источна Европа, предводен од Советскиот Сојуз, а режимот на Фидел Кастро на Куба беше одржуван со солидарната помош на Москва и сите нејзини европски сојузници.

Денешна Куба, се уште нема доволно девизи и средства за да ги плаќа сите свои потреби, како и да ги отплаќа старите долгови, но затоа има големо количество рум.

Доколку властите во Прага би го прифатиле овој предлог, би имале рум за околу 100 години.

Според медиумите во САД, чешката Влада која сака да си ги наплати долговите од времето на комунизмот, ја известила Хавана дека повеќе сака пари, наместо рум, иако не одбива еден дел од долгот да биде „покриен“ во натура.

Чешката страна, која изгледа тешко ќе извлече пари од Кубанците, наместо рум, повеќе би сакала порамнувањето на долгот Куба да го направи со нејзините лекови и суровини за фармацевтската индустрија.

Проблемот со оваа варијатнта е што кубанските лекови и суровни за правење лекови немаат сертификат на ЕУ.