Свет
20. September 2019 - 9:39

Куба го осуди протерувањето на свои дипломати од САД

Куба го осуди протерувањето на двајца свои дипломати при ОН, кои се обвинети за наводни активности што ја загрозуваат американската национална безбедност.

– Категорично го отфрлам неоправданото протерување на двајцата официјални претставници на Постојаната мисија на Куба при ОН, напиша на Твитер кубанскиот министер за надворешни работи Бруно Родригес.

Американските власти синоќа соопштија дека протеруваат двајца кубански дипломати, но детали во врска со таквата одлука не се соопштени.

Администрацијата на претседателот Доналд Трамп го напушти пристапот на политика на приближување со Куба, што го започна претходниот претседател на САД, Барак Обама.

Тензиите меѓу САД и Куба се зголемени од почетокот на годинава, бидејќи Вашингтон ја поддржува опозицијата во Венецуела, додека Хавана е за претседателот Николас Мадуро.