Македонија
9. March 2020 - 20:30

КСС предупредува трансферот од јавната администрација е алатка за притисоци

Вработените во јавниот сектор се соочуваат со закани и притисоци од своите претпоставени, со цел да се намали превработеноста во администрацијата, велат од Конфедерацијата на слободни синдикати. Според нив, тоа се прави преку анкетните листови, што во пракса ги пополнуваат раководителите на сектори и тие одлучуваат за потребата од секое работно место.

“Со овие анкетни листови само се дава можност директорите да вршат закани, заплашувања и уцени врз вработените во јавниот сектор, затоа што за потребата на едно работно место сега одлучуваат само тие. Зошто е потребен овој трансфер на веќе обучени административци, кога сведоци сме дека во последниве три години имаме преку 40.000 нови вработени во јавниот сектор, бројка што е далеку поголема од онаа што се прикажува како вишок во јавниот сектор”, вели Благоја Ралповски, претседател на Конфедерација на слободни синдикати.

Од Министерството за информатичко општество и администрација велат дека притисоците се минато, а за тоа, според нив, сведочи и намалениот број пријави до надлежните.

“Анкетниот лист што произлезе од информација на Влада, е задолжение на сите вработени и не може да претставува никаква форма на закана, уцена или притисок од раководителот кон вработените. За секој евентуално пријавен случај, надлежните институции соодветно реагираат”, информираат од Министерството за информатичко општество и администрација.

Синдикатот предлагаат предвремено пензионирање на сите кои наполниле 60 години, а се со полн стаж, наместо префрлање работници од јавен во приватен сектор.

“Ние сме против оваа реформа, од причини што се користи само за уцени и заплашувања и никако не може да се нарече реформа, затоа што сè повеќе се работи под стрес, со лош раководен кадар и никако не може да биде ефикасна”, вели Ралповски.

Од ресорното министерство потенцираат дека сè уште не е утврдено на кој начин ќе се реформира администрацијата.

“Начинот на утврдување на трансферот е и ќе биде инклузивен и нема да биде спроведен на штета на ниту една од вклучените страни. Неоснованите обвинувања на КСС се потврда дека станува збор за политизација во предизборниот период”, пишува во одговорот од МИОА

Синдикалците бараат сите плати да се зголемат согласно растот на минималната плата, бидејќи сега вработени на различни позиции се речиси исто платени.