Бизнис
9. April 2021 - 16:38

КСС излегува на протест на 15 април

На 15 ти април КСС излегува на предупредувачки протест. Симболичното покачување на минималната плата, секојдневните отпуштања на работници и притисокот врз синдикалните организации ги принудија синдикатите правата да  бараат на улица. Бараат праведно покачување на минималецот и почитување на сите закони од страна на надлежните.

„Македонскиот работник е осиромашен, не може да ги преживее оваа здравствена и економска криза. На оние што се заболени им се одбива од плата за боледување, на оние што се во изолација им се одбива. Официјално 50-60 илјади работници го изгубија работното место, неофицијално има уште 30-40 илјади што го изгубија работното место. Знаеме еве со уредбите уште колку работници во угостителството и туризмот ќе останат без работа.“ изјави Благоја Ралповски, претседател на КСС.

И додека синдикатите и државата не можат да се договорат за минималецот, на едно семејство со 4 члена не му стигнува ни просечната плата за да ги покрие сите трошоци. Последните пресметки на ССМ покажуваат дека само за основни трошоци во март биле потребни 33.722 денари или 122 денари повеќе од јануари. Дури 42 отсто семејствата издвојуваат за храна и пијалоци.

Со законското усогласување во март минималната плата се покачи за 200 денари. Сега изнесува 15.194 денари. Синдикатите бараа минималецот да биде 60 отсто од просечната плата или 16.000 денари.