Бизнис
12. February 2017 - 17:47

КСС бара од грчките власти и ЕУ прекин на блокадата на границата во Грција

Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС) испрати писмо до Делегацијата на Европската унија во Македонија, Амбасадата на Грција, Грчката конфедерација на синдикати и македонското Министерство за надворешни работи во кое изразува загриженост од блокадата на граничните премини од страна на Грција кон Македонија.

- КСС не го доведува под прашање правото на изразување на протест, во случајот од страна на дел од грчките земјоделци, меѓутоа одбраните локации за повеќе од 10 дена блокирање премини помеѓу двете држави не може да биде прифатено како целосно легитимно користење на правото на протест, од многу едноставна причина што со таквиот начин на протестирање веќе е нанесена огромна штета на економијата на Република Македонија и особено на голем дел од претпријатијата кои се најдиректно оштетени со таквата блокада на премините. КСС има право да се сомнева дека грчките земјоделци веројатно и сосема несвесно се злоупотребени бранејќи сопствено право да нанесат огромна штета на субјекти и во сопствената земја, а особено во Република Македонија кои немаат ништо допирно со институциите во Република Грција кои имаат надлежност на нивните проблеми, стои во дописот од КСС.

Во документот КСС ги достави своите барања за, како што се наведува, да престанат натамошните несогледливи негативни последици од блокирањето на граничните премини. КСС бара надлежните државни институции на Република Грција итно да преземат мерки со кои ќе бидат отстранети причините за протестите на грчките земјоделци на граничните премини кон Република Македонија, пред се со примена на европските стандарди за итно отпочнување на преговорите кои се клучно барање на земјоделците кои го реализираат протестот. 

- Надлежните институции на ЕУ, во тие рамки вклучително и Делегацијата на Европската унија во Република Македонија, во согласност со одредбите на европското право, веднаш енергично да интервенираат кај надлежните државни органи на Република Грција, како членка на ЕУ, веднаш да се прекине со нанесувањето огромни и не само економски штети на Република Македонија, што е за жал многу честа појава долги години наназад со блокирање на патиштата и железничките премини кон соседната земја. КСС особено очекува и бара активно вклучување на грчките синдикални федерации во нивно поенергично барање за отпочнување на преговори помеѓу Владата на Република Грција и легитимните претставници на земјоделците со цел итно изнаоѓање решение и протест на протестите, се барањата на КСС.

Синдикатот предупредува дека доколку не се реши проблемот со блокирање на премините на грчко-македонската граница сериозно ќе го разгледа легитимното реципроцитетно однесување за блокирање на граничните промени кон Република Грција во време на почеток на туристичката сезона.