Бизнис
14. September 2019 - 16:32

КСС бара 16.000 денари минимална плата

Минималната плата да изнесува 16 илјади денари, бара Конфедерацијата на слободни синдикати. Со секое покачување на минималецот, да растат и платите на сите вработени, како и на оние во јавниот сектор. За да има достоинствен живот, да се спречи одливот на кадри и да има социјален мир, платите мора да се зголемат. Со вакви примања сме последни во регионот, и по Косово, Албанија и Србија, а платите – социјални, се наведува во соопшението на КСС.

– Имајќи ги параметрите на просечна плата која изнесува нешто над 25 000 денари, потрошувачката кошница која изнесува 32 653 денари, како и Европската директива за минимална плата, која треба да биде минимум 60% од просечната плата во државата, имајќи ги предвид причините за кои е воведена минималната плата, а тоа е пристоен и достоинствен живот на сите работници и имајќи во предвид дека едно четиричлено семејство со две минимални плати треба да ја достигне потрошувачката кошница и ветувањето на Владата од 2015 и 2016 година, КСС бара да се почитуваат работниците како во секоја демократска земја и минималната плата да изнесува 16 000 денари, наведува КСС во денешното соопштение.

Од Владата велат дека преговорите за минималната плата се уште траат и ќе бидат во интерес на сите засегнати страни. Првичните проекции беа до крајот на годината да достигне 14илјади денари. Инаку според Евростат, највисока  минимална плата од над 2,000 евра се исплаќа во Луксембург. Од регионот, во Словенија минималецот изнесува над 800 евра, Хрватска  506, Бугарија 286, Грција 683 евра. Во земјите кои не се членки на Унијата платите се под 250 евра- во Србија 227 евраи Албанија  нешто над 200 евра.