Македонија
24. April 2019 - 16:20

КСО најавува протест на 1ви мај

Кршењето на работничките права е една од причините за слабата излезност на првиот круг од претседателските избори, тврдат синдикалците. Конфедерацијата на синдикални организации на 1 мај ќе одржи традиционален протестен марш. Ќе бараат измени на кривичниот закон за да се заштитат припадниците на шумската, затворската и редовната полиција, бидејќи според нив, евидентни се кршењата на правата во овие сектори.

-Наидуваме на одреден отпор кај одредени министри, одредени раководители. Меѓутоа, полека-полека се надевам дека пораката што е пратена од граѓаните ќе мора некој да ја сфати дека мора да се почитува работникот во државата. Во спротивно гледате што се случува – граѓанинот едноставно со пенкало знае да казни некого, вели Маријан Ристески од КСО.

Ги повикаа и работниците од приватниот сектор да им се придружат на маршот бидејќи тие работници тешко можат синдикално да се организираат за да бараат поголеми права.

-Во јавната администрација постои какво-такво синдикално организирање. Додека во приватниот сектор работниците се оставени на милост и немилост на работодавачите. Гледаме што се случува – им продолжуваат договори на месец, два, три. Тоа можат да го прават пет години. Таму е многу тешко да направите синдикат. Велат: „Како да направам синдикат кога мене договорот ми е на три месеци? Може да ме избркаат“, вели Ристески.

КСО добиле информација од останатите синдикални организации дека нема да им излезат на протест. Ристески се пожали дека наместо синдикатите да се партнери во борбата за работничките права, често се гледаат како ривали, па нивната соработка е сведена на минимум.