Свет
18. August 2019 - 8:52

Крвава свадба во Авганистан: Бомба експлодираше во сала за венчавки, загинаа 63 сватови, 182 повредени во масакрот

Најмалку 63 лица се убиени, а 182 се ранети во синоќешниот напад на бомбаш самоубиец на свадба во Кабул, соопшти денеска министерството за внатрешни работи на Авганистан.

Како што се наведува, експлозијата се случила во салата за венчавки „Дубаи сити“ во западниот дел од Кабул, каде живеат најголем број на припадници на малцинската заедница шиити хазари, пренесува АП.

На венчавката присуствувале стотици луѓе, а меѓу настраданите најмногу има жени и деца.

Ројтерс наведува дека никој не ја презел одговорноста за нападот.

Талибанците негираа дека се одговорни за експлозијата во шиитското предградие за западот на Кабул, пренесува Ројтерс.

Нападот се случи во моментот додека Талибанците и САД преговараат за договор кој предвидува повлекување на американските сили од Авганситан во замена за тоа Талибанците да се обврзат на мировни преговори со владата во Кабул.