Македонија
15. February 2018 - 18:17

Крвава семејна драма во Кочани, ја убил сопругата, ранил ќерката, па сам си пресудил

Вистински хорор сцени се случувале рано наутро, некаде околу 3 часот по полноќ, во семејна куќа на улица 9-ти мај во Кочани. 54 годишен маж со иницијали Б.Л., најнапред започнал вербална расправија со својата 44 годишна сопруга. Во еден момент тој земал нож и неколку пати ја прободел жената. Откако увидел дека таа и понатаму дава знаци на живот, посегнал по чекан по што започнал да ја удира по главата. Нејзината 22 годишна ќерка, која била сведок на монструозниот чин се обидела да ја заштити мајка си, меѓутоа таткото посегнал и по неа и на неколку пати ја удрил нанесувајќи и тешки телесни повреди. Сепак таа успеала да се соземе од повредите и да се јави во полициската станица во Кочани. Претходно во полициската станица случајот го пријавила и соседка која ги слушнала викотниците во куќата, по што полицијата пристигнала на лице место.

- Во тој момент таткото се искачил на покривот од семејната куќа, скокнал, при што починал на лице место. По пристигнување на екипа на брза помош, констатирана е смрт кај 54 годишниот сопруг, додека 44 годишната сопруга била пренесена во општата болница во Кочани, каде починала- изјави Гордана Панајотова, портпарол на СВР-Штип

Девојката е хоспитализирана во кочанската болница и е вон животна опасност. Трагедијата ќе добиела уште поголеми размери, доколку помалиот брат на возраст од 13 години, кој исто така бил сведок на грозоморното убиство на неговата мајка, не успеал навреме да побегне и да се засолни кај соседите. Анализата на крвта на починатиот треба да покаже дали лицето било под дејство на алкохол кога го извршил ова сурово и чудовишно убиство, а потоа и сам си го одзеде животот.