Македонија
23. January 2019 - 13:52

Крушево ќе го одбележи 38. роденден на Тоше, фановите од Балканот веќе пристигнуваат

 Со почит и свежо цвеќе на неговото вечно почивалиште на Гумење и со повеќе манифестации Крушево в петок, на 25 јануари, ќе го одбележи 38-от роденден на нашата и балканска музичка ѕвезда Тоше Проески кој трагично го загуби животот во сообраќајната несреќа кај Нова Градишка Хрватска на 16 октомври 2007 година.

Во одбележувањето на роденденот на Тоше се вклучени Меѓународната фондација „Тодор Проески“, музејот Спомен-куќа на Гумење и крушевската локална самоуправа, а како што информираат од Музејот, фановите на Тоше од Словенија, Бугарија и Србија веќе пристигнуваат во Крушево да му оддадат почит на Тоше, да потсетат на него, пеејќи ги неговите песни.

Организираното одбележување в петок почнува од 11.30 часот кога приврзаниците на Тоше, фановите, претставниците на инситуциите ќе го посетат неговото вечно почивалиште на Гумење.

Напладне, во спомен-куќата на Тоше, почнуваат манифестациите. Учениците од крушевското училиште „Наум Наумоски – Борче“ ќе читаат извадоци од песните на Тоше, ракотворци од Битола ќе изработуваат дела од срма и монистра, тематски поврзани ликот и делото на Тоше Проески, а ќе настапат и поединци, и тоа Сотираки Чакалар, Марија Котеска и Елена Ристеска.

Имено, од 9 до 16 часот в петок, во Спомен-куќата, ќе се одржува традиционалната крводарителска акција во чест на Тоше.

Спомен-куќата на Тоше Проески на Гумење содржи над 350 експонати поврзани со Тоше, а од 2011 година, кога е отворена, ја посетиле преку 650.000 гости од кои 30 отсто од странство.

Директорката на Музејот Елена Мирчевска, информира дека дел од фановите од соседните земји веќе пристигнале во Крушево.