Македонија
16. October 2021 - 16:53

Крушево и Гумење ги пречекаа ултрамаратонците во чест на Тоше, фановите сакаат да биде „Маратон на љубовта“

По 14-ти пат, во чест на Тоше Проески, ултрамаратонците трчаа до Гумење во Крушево, токму на годишнината од загинувањето на Тоше Проески во сообраќајната несреќа на 16 октомври 2007 година кај Нова Градишка, Хрватска. Ги пречекаа црвени рози и бројните фанови на Тоше Проески, од земјава и од странство.

Дел од ултрамаратонците трчаа симболично од Нова Градишка, Хрватска, а осум спортисти им се придружија на граничниот премин Табановце и трчаа преку Скопје, Велес, Градско, Прилеп, до Крушево и на Гумење, на вечното почивалиште на Тоше Проески.

Ултрамаратонецот Наум Капричевски не сака да поверува дека поминаа 14 години без Тоше, но останува почитта засекогаш.

-Еве не тука на Гумење, пред вечното почивалиште на Тоше Проески. По 14-ти пат од Нова Градишка, со почесен старт, возење до македонската територија, граничен премин Табановце. Оттаму осум македонски спортисти, непрекинато, повеќе од 24 часа трчавме преку Скопје, Велес, Градско, Прилеп до Крушево и овде до Гумење да ја оддадеме последната почит, по 14. пат. Трчајќи, кога го видов Крушево, ми се врати тој 16 октомври 2007 година и една мисла – зарем толку помина? Зарем толку години сме без него, без човекот кој немаше ниту еден грам лошо во себе, човекот кој беше најголем македонски амбасадор, не само на Балканот, туку и во Европа и последните месеци во светот, изјави Капричевски.

Годинава првпат на маратонците им се придружи најстариот учесник, 69-годишниот Ангел Малинов.

-Од 1971 година сум во Загреб. Пред седум години бев овде. Не беше направен споменикот на Тоше. Го запознав маратонецот Наум и сите маратонци ме исполнија со сѐ. Јас само побарав дали може да бидам дел од маратонот. Ќе се подготвувам. Ми требаа две години и тука сум, горд до бескрај. Мојата љубов е голема за татковината, за Тоше, рече Малинов.

Почитта за Тоше е голема и кај крушевчани и кај неговите фанови кои дојдоа од хрватска, Бугарија, од Русија.

За крушевчанецот Ацко Пирганоски  треба сите да бидеме како Тоше, луѓе со големо срце и хуманисти.

-Точно 14 години поминаа од смртта на нашиот драг сограѓанин Тодор Проески со кого, не само ние, крушевчаните, туку сите во Македонија се горди, и пошироко.  Човек не може да најде зборови за неговиот лик и дело. Сѐ е кажано преку неговите дела и лик. Нека му е вечна слава, секогаш ќе биде со нас, и во идните генерации. Нека почива во мир ангелот наш, сочувство до неговите. Ќе го паметиме како голем хуманист, човек кој несебично ја даруваше својата љубов, не само кон музиката, туку и кон сите други. Помагаше на сите можни начини, создаваше, твореше, даруваше. Неговите дела се бескрајни. Голем хуманист, човек како што секој треба да биде, рече Пирганоски.

Стела Прислан Фујс,Загреб, Хрватска која 14 години доаѓа во Крушево смета дека маратонот ги изразува најголемите чувства и љубовта што ја имаше и ја даруваше Тоше Проески.

– Годините летаат, ние ги броиме откако Тоше замина. Броиме на живот пред и потоа. Јас сум Од Загреб, Хрватска. Секоја година сум овде во Крушево, на Гумење. Ги пречекавме во средата маратонците во Загреб. Во четвртокот ги следевме во Нова Градишка. Заедно стигнавме во Македонија, преку граничниот премин Табановце, ги испративме оттаму на стартот. Од сите манифестации кои се одржуваат во чест на Тоше и концерти и дарувањето крв и книги, мислам дека маратонот е „Маратон на љубовта“. Најдлабока емоција, најголемото почитување, љубовта кои можат да се даруваат. Ние ги следиме маратонците и се надевам дека ќе ги има 26 колку што Тоше имаше години. Тоше е љубов, една голема енергија, нешто необјасниво. Не има многу од цел свет кои го сакаме и го почитуваме Тоше.  Не можевме да го спасиме од смртта, но, еве се трудиме споменот за него никогаш да не згасне, изјави Стела Прислан Фујс.

Во спомен-куќата на Тоше на Гумење посетителите ја видоа изложбата насловена мозаични приказни од младите креативци од Битола.