Македонија
28. May 2023 - 16:35

Крушево ги ,,живее‘‘ деновите на Град на културата со над 60 манифестации до крајот на годината

Театарски претстави, концерти на поп, џез, класична и фолклорна музика, бели ноќи, ликовни колонии, книжевни и литературни конкурси, саеми на крушевсата култура, храна и традиција, кино проекции, фестивали од различен тип за афирмација на убавините на Крушево и уште 60-тина други настани го чекаат Крушево до крајот на годината. Крушево оваа година ќе биде епицентарот на културата во Македонија, а воедно се очекува и туристички бум и илјадници посетители од земјава и странство кои ќе ги посетуваат сите овие настани. Крушево ќе пулсира секој ден во ритамот на македонската култура традиција и историја. Крушево има што да му покаже на светот во секој аспект.

„На Крушево му требаше една формула „Град на култура“ зашто Крушево, самото по себе е живописно, уникатно и е жив тестамент на културата на историјата, на нашиот идентитет. Оваа, ќе ја наречам круна, е само оддавање признание на сите вредности кои Крушево ги носи, културни, историски, идентитески, јазични, развојни и заслужува да биде „Град на култура“ постојано, не само една година“, истакна Бисера Костадиновска Стојчевска, министерка за култура.

Освен сите овие културни настани, богатата туристичка понуда ќе биде надполнета со голем број спортски настани, светско првенство во змејарство, голем број странски параглајдинг првенства, аутдор фестивали.

„Тука го промовираме ликот и делото на Тоше Проески, ликот и делото на Никола Мартиновски, Васил Иљоски, Споменикот „Македониум“ кој што е четврт споменик во светот спопред специфичноста на градбата, музејот на Илинденско востание, Леарницата и сите други останатги кои се потполно важи како претходните“, изјави Томе Христоски, градоначалник на Крушево.

Токму во сите овие музеи се очекува двојно зголемување на посетителите и промоција на нашата култура и историја.

„Крушево е лулка на историјата на македонскиот народ, нудиме 6 споменици, 6 6 музеи, очекуваме голем број на посетители“, додаде Тома Тана, директор на музеј Крушево.

И граѓаните сметаат дека Крушево заслужува да биде културна престолнина оваа година, но и во иднина.

„Крушево го заслужва овој епитет и сме горди што сме крушевчани, градот има доста што да понуди очекуваме доста посетители“, велат граѓаните.

Крушево годинава слави и 120 години од Илинденското востание кога уште еднаш ќе биде во центарот на вниманието на целата држава со голен број настани поврзани со овој значаен датум.