Фудбал
7. October 2015 - 9:29

Кројф: Роналдо игра за себе а не за тимот

 

Легендата на холандскиот фудбал, Јохан Кројф, рекол дека Кристијано Роналдо е брилијантен фудбалер кој никогаш нема да може да биде тимски играч. Кројф го споредил Роналдо со Лионел Меси за кого смета дека е и повеќе од тимски играч, бидејќи постигнува голови и асистира.
 
„Кристијано е играчиште, голгетер. Никогаш нема да биде играч кој ќе го разигрува тимот или ќе направи нешто тимот да игра подобро. Лично секогаш повеќе сум ги сакал оние кои работат за тимот, таков бев јас како играч.“
 
„Улогата на Кристијано е поврзана со завршните потези, додека Меси е и повеќе од тимски играч, тој своите соиграчи ги ‘храни’ со голем број на асистенции, тој тоа го прави како играч, а не како голгетер, иако има постигнато многу погодоци. Според мене тоа е разликата помеѓу голем играч и голгетер“, рекол Кројф.
 
Холанѓанецот истакнал дека воопшто нема сомнеж кој ќе ја добие „Златната топка“ за оваа година.
 
„Нема сомнеж никој не е на нивото на Меси. Тој ќе ја добие Златната топка“.
 
Јохан Кројф во периодот од 1988 до 1996 година беше тренер на Барселона, под негова палка Каталонците во 1992 година ја освоија својата прва титула европски првак.