Живот
18. February 2020 - 8:36

Кројачите нема кој да ги замени, а наместо штоф новата облека сè повеќе е синтетика

Еден од тетовските занаетчии кројачи е Сотир Калков кој, иако има 78 години, секојдневно работи во својата кројачка работилница во Ајдучко Маало во Тетово. Тој вели дека сите оние што го работат овој занает се повозрасни луѓе над 50 години и дека со децении во кројачкиот занает не се појавил млад човек да биде чирак – да го изучува занаетот при мајстор. Како и голем број занаети, и овој е во опасност од изумирање затоа што нема кој да ги наследи мајсторите.

– Јас кога ќе одлучам дека нема да работам, нели со оглед на години, ќе ги продадам сите машини и ќе се затвори работилницата. Такви примери веќе има многу низ Тетово, нема да бидам прв, но и сите други занаетчии ќе го направат истото верувам, нема кој да го продолжи занаетот. Младите не се заинтересирани за ваков вид работа. Никој не ни прашува дали сакаш да дојдам да научам. Не постои такво нешто.

Кројачкиот занает воедно пропаѓа и поради промените во светот кога станува збор за изработка на облека, смета тетовскиот кројач.

– Измислуваат нови материјали со кои еден кројач или шивач не ни може да работи. Тие ниту се шијат, ниту се пеглаат. Ни пареа прима кога се пегла, ни на суво може. Иако работам од мојата 15-та година, сега се соочувам со ситуации да не знам што да направам поради материјалот. Така е поради тоа што облеката е претежно од синтетика и кога ќе ја ставам пеглата, се гори материјалот, замислете исчезнува, се „топи“ штофот, вели тој.

Објаснува дека во материјалот за шиење и кроење изостануваат волна, памук, лен, кендер и јута. Од друга страна, вештачки создадените материјали и кај луѓето создаваат проблеми.

Тие синтетики ги запаруваат телата, па се јавуваат алергии кај луѓе од материјалите. Мојот занает ми стана чуден, раскажува нашиот соговорник.

Чичко Сотир, како што милуваат да го викаат помладите што доаѓаат да направат капути или костуми, сè уште работи со машините со кои започнал да ја работи оваа занаетчиска дејност. Неговата работилница воедно ја нарекува мини музеј на антиквитети што се во фунционална состојба и тој работи секојдневно со нив.

– Имам ФАФ германска машина за шиење стара 80 години, постара од мене. Но не би ја менувал бидејќи старите машини се далеку поквалитетни од новите. Имам и други машини стари по 50-тина години како бернина и адлер-овер. Исто така, има пегла стара 60-тина години, тешка 10-тина килограми, ја донесов од Унгарија, објаснува Сотир, кој таму живеел до 1970 година како дете бегалец од егејскиот дел на Македонија.

Кога дошол тука се вработил во Комбинатот „Тетекс“. Иако таму во најдобрите времиња имало 8 000 работници и значително позитивно влијание врз целата индустрија, па и кај занаетите, сега Тетово е далеку од таа состојба.

– Јас работев во конфекција. Таму се обучуваа ученици од текстилно училиште, кои веднаш по неговото завршување започнувале со работа во фабриката. Многу работници и квалитетен кадар се создаваше, над 500 лица само јас сум обучил. Но, сега некако како да го убија овој занает. Замислете, толкава индустрија, а сега ги нема ни луѓето, ни вештините што таму се стекнуваа. Чудна работа, „Тетекс“ извезуваше на сите континенти, се потсетува Сотир.

Тој во Унгарија го научил занаетот. Почнал како чирак уште во 1957 година, а во 1960 завршил средно стручно училиште за профил машки кројач. Така веќе брои 63 години како го работи овој занает.

Од овој занает некогаш можело добро да се живее, а љубовта и умешноста биле силната потпора да не дозволи да ги однесе бранот на новото време, вели на заминување кројачот. Останува во работилницата, силно посветен со постојаното трагање кон совршенство во изработката на моделите, која му донела многу редовни муштерии.

Александар Самарџиев/МИА