Бизнис
3. August 2018 - 20:34

Кроација Ерлајнс во штрaјк од среда

Хрватската авиокомпанија Кроција Ерлајнс од среда наутро стапува во штрајк. Синдикатот на компанијата соопшти дека хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ не ги исполнил барањата на вработените и оти се уште не e потпишан колективен договор.

Авиокомпанијата лета од Скопје кон Загреб и обратно два пати дневно, но засега во македонското претставништво немаат добиено официјална потврда од компанијата во Загреб. Засега не се знае дали летовите ќе бидат откажани доколку синдикатот в среда стапи во штрајк.

Загреб е важна дестинација за македонските граѓани бидејќи аеродромот е транзитна дестинација за поврзување со градови за кои нема директни линии од Македонија.

Сепак, македонското претставништво и покрај штрајкот во Загреб ќе продолжи со работа, бидејќи ќе штрајкуваат само пилотите, стјуардесите и авиомеханичарите.

Вработените бараат да се потпише колективен договор, кој според нив, е темел на сите западни цивилни авиокомпании, каде што влегува и Кроација Ерлајнс.

Хрватските медиуми пишуваат дека штрајкот може да предизвика хаос во срцето на туристичката сезона, што пак ќе доведе до големи загуби во туристичкиот сектор.

Вработените и на почетокот на летото најавија дека ќе штрајкуваат, но премиерот Андреј Пленковиќ им вети дека сите нивни барања ќе бидат исполните и оти ќе биде потпишан колективниот договор.

Хрватските медиуми пишуваат дека вчера е одржана и последната владина седница пред премиерот и министрите да одат на одмор, но не е донесена одлука за нова управа во авиокомпанијата.

Кроација Ерлајнс нема нов претседател и управа уште од септември 2016. година.